Најтрофејниот клуб во англиското првенство, Манчестер јунајтед, е во криза каква што не се памети со децении. Популарните Црвени ѓаволи го претрпеа петиот пораз во последните шест кола во Премиер лигата откако синоќа на својот „Олд Трафорд“ загубија од Њукасл со 0:2.
Гостите уште во првите 20 минути покажаа доминација, постигнаа два гола, а имаа шанси за уште некој погодок, па на крајот ги освоија трите бода. Навивачите на Манчестер повторно разочарани си заминаа, а тренерот Рубен Аморим, кој неодамна дојде да се обиде да го врати тимот на победнички патеки, сега зборува дека е можно екипата и да испадне од лигата.
„Мислам дека испаѓањето од лигата е можно. Мораме да бидеме искрени кон навивачите. Мора нешто да промениме, но сигурно е дека оваа сезона ќе биде многу тешка. Мора да бидеме посилни и да се бориме. Знам дека ова е еден од најлошите моменти во историјата на клубот и тоа мора да го прифатиме. Мора на следниот меч да бидеме подобри“, рече тренерот Аморим.
Манчестер јунајтед само во декември нареди пет првенствени порази, нешто што на клубот не му се случило од септември 1962 година.
Точно на половина од сезоната, односно по 19 одиграни кола, Манчестер јунајтед има освоено само 22 бода и е со биланс од шест победи, четири ремија и девет порази. Моментално е на 14-тото место, а Ипсвич, кој е на 18-тата позиција и е во зоната за испаѓање, досега освои 15 бода.