Менаџерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, изјави дека неговите фудбалери играле на начин што повеќе му одговарал на Брентфорд, наместо да ја наметнат својата игра. Црвените ѓаволи одиграа уште еден слаб натпревар под водство на Португалецот и доживеаја пораз од 3-1 во Лондон.
Дваесеткратниот англиски шампион веќе речиси една година не успева да врзе две последовни победи во Премиер лигата со Аморим на клупата.
„Чувството секогаш е исто. Сакавме победа, но не го контролиравме натпреварот. Игравме игра на Брентфорд, бевме збунети, изгубени на првите и вторите топки, слаби на прекини. Во клучните моменти сè беше против нас. Тешко е повторно да се изгуби, но мора да гледаме напред. На моменти ја видов борбеноста од дуелот со Челзи, но можеме многу подобро. Работевме цела недела на тоа да ја освоиме првата топка, да бидеме подобри во статични ситуации. Знаевме дека тие ќе бараат високи топки и игра со еден допир. Денес не игравме своја игра, туку само на моменти успеавме да преземеме контрола и да ги турнеме пред нивниот шеснаесетник. Тоа требаше да го правиме, а не да се водиме според нивниот стил. Новиот пораз многу боли. Сè е важно, не само мечевите на домашен терен“, изјави Аморим.
Манчестер јунајтед следната сабота го пречекува Сандерленд, по што следува паузата за репрезентативни настапи во октомври. Веднаш потоа тимот гостува кај Ливерпул.