Аморим по првата победа: Момците одлично се снајдоа во фудбалскиот ролеркостер

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, сподели дека е задоволен по победата на неговиот тим со 3-2 против Бодо/Глимт во натпреварот од петтото коло на групната фаза на Лигата на Европа.

„Нормално, гледам што гледаат и сите други: и добри, и тешки моменти. Имаше малку конфузија на крајот додека се обидувавме да го зачуваме резултатот, но момците се справија одлично. Трчаа, притискаа, се обидуваа да го применат тоа што го работевме во изминатите три дена и ја заслужија победата“, изјави Аморим.

Тој додаде интересна метафора за развојот на натпреварот, кој мина низ неколку пресврти.

„Ова беше како ролеркостер. Почнавме добро, но потоа примивме два гола во брзи транзиции. Ми се допаѓа како играчите се обидоа да ја играат нашата игра. Понекогаш ја освојуваме топката, но имаме проблеми кога премногу често му ја препуштаме на противникот. Сега целта е повеќе да ја држиме топката. Тие навистина се трудеа, и мислам дека ја заслуживме оваа победа“, истакна менаџерот на Манчестер јунајтед.

И покрај тоа што Црвените ѓаволи сѐ уште не доживеале пораз во европските натпревари оваа сезона, тие се наоѓаат дури на 12-тото место на табелата во супер-групата со 36 екипи.

Сепак, со победата против Норвежаните, шампионите од 2017 година ги задржаа шансите да ја завршат групната фаза во топ 8, што би им овозможило директен пласман во осминафиналето, без да мора да играат во плејофот за елиминациите.

- Оглас -

Најнови вести