Аморим: Покажавме дека на „Олд Трафорд“ е можно – и невозможното!

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, со многу емоции зборуваше по драматичната победа на неговиот тим со 5-4 во реванш-дуелот од четвртфиналето во Лига Европа против екипата на Лион.

„Ова беше прекрасна вечер. Тимот е изморен. При 2-4 изгледаше како сè да е готово – но не и тука. Тука сè е можно“, изјави Аморим.

Уникатна драма со девет голови го однесе Манчестер јунајтед во полуфиналето. Црвените ѓаволи водеа со 2-0 на полувремето, но по паузата ја изгубија контролата над натпреварот и дозволија израмнување, по што мечот отиде во продолженија.

„Почнавме добро, но не бевме доволно доследни за да ја задржиме таа игра подолго време. Кога чувствувам дека тимот е малку изморен, често губиме. Требаше подобро да реагираме кај двата примени гола. Има уште многу за подобрување, но карактерот сè уште е тука“, додаде Аморим.

Англискиот гигант во полуфиналето ќе се сретне со Атлетик Билбао, кој по секоја цена ќе се обиде да стигне до финалето, бидејќи токму тој натпревар ќе се игра на нивниот домашен стадион „Сан Мамеш“.

„Сега целиот наш фокус ќе биде ставен кон настапите во Лига Европа. Во Премиер лигата ќе им дадам шанса на помладите фудбалери“, изјави Аморим.

- Оглас -

Најнови вести