Аморим сакаше големо засилување од Италија, но доби „корпа“

Новиот менаџер на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, се обидува да го засили тимот, меѓутоа веќе и почна да добива негативни одговори од фудбалери што ги посакува да пристигнат на „Олд Трафорд“. Тоа го освестува Португалецот дека дел од најдобрите фудбалери на Стариот континент не го гледаат Манчестер јунајтед како идеална средина каде би сакале да ја продолжат кариерата.


Аморим планира да доведе нов лев бек поради долгото отсуство на Лук Шоу и на Тајрел Маласија. Некои големи имиња како Алфонсо Дејвис од Баерн Минхен и Тео Ернандес од Милан беа поврзувани со Манчестер јунајтед, но најреална опција се сметаше Федерико Димарко од Интер.

Според „Тутоспорт“, Црвените ѓаволи веќе оствариле разговори со него преку неговите агенти, но добиле негативен одговор. Имено, 27-годишниот играч изјавил дека сака да остане на „Сан Сиро“ и планира да го продолжи договорот со Интер.

Италијанскиот репрезентативец уште од детството е навивач на Интер и нема интерес да замине на друго место. Неговиот тековен договор важи до 2027 година, а клубот подготвува нов договор за еден од своите најважни играчи.

Димарко има пазарна вредност од 60 милиони евра, а Интер најверојатно би барал уште повеќе за продажба на својот клучен играч.

- Оглас -

Најнови вести