Аморим се извини пред цел „Олд Трафорд“, па порача „Добрите денови доаѓаат“

Манчестер јунајтед ја заврши најлошата сезона во последните повеќе од 40 години. Не само што тимот не освои ниту еден трофеј, туку во Премиер лигата заврши на 15-тото место само со 42 освоени бода од 38 меча.

Во последното коло Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“ со 2:0 славеше над Астон вила, а по завршување на средбата, свое обраќање имаше тренерот на Црвените ѓаволи, Рубен Аморим.

Португалскиот стратег се извини поради очајната сезона, но најави дека следната сезона ќе биде многу подобра за клубот.

„Прво сакам да се извинам за оваа сезона. Знам дека вие сте многу разочарани од мене и многу разочарани од тимот. Второ, сакам да ви кажам ‘Фала’. Многу сум ви благодарен за тоа што ни дававте поддршка во текот на целата сезона. Знам дека беше тешко да ни давате поддршка во многу мечеви. Сепак, сега мора да направиме избор. Или ќе останеме заглавени во минатото, оваа сезона е во минатото затоа што е завршена, или ќе бидеме заедно и ќе одиме напред. Пред шест месеци кога дојдов, во првите три меча имавме две победи и едно реми, па реков дека бурата ќе дојде. Денеска, по оваа катастрофална сезона сакам да ви кажам дека добрите денови ќе дојдат. Ако има еден клуб во светот кој во минатото докажал дека може да надмине каква и да е катастрофа, тоа е нашиот клуб Манчестер јунајтед“, рече Аморим.

- Оглас -

Најнови вести