Манчестер јунајтед има катастрофална сезона во Премиер лигата и на две кола пред крајот на првенството се наоѓа на 16-тата позиција од 20 екипи. Опстанокот не е загрозен, а она што може да ја спаси сезоната е финалето во Лигата на Европа.
Црвените ѓаволи ако успеат да дојдат до трофејот, следната сезона ќе играат во групната фаза од Лигата на шампионите, но тренерот на екипата, Рубен Аморим, не може да се помири со слабиот пласман.
„Срам ми е кога ќе ја погледнам табелата во Премиер лигата. Без разлика дали ќе ја освоиме Лигата на Европа, проблемите се многу големи. Мора да разговараме за многу работи пред почетокот на следната сезона. Не се грижам за финалето, мора да направиме големи промени. Проблем не се фудбалерите. Зборувам за себе и за клупската култура. Тоа мора да го промениме. Ова е клучен момент во историјата на клубот. Мора да покажеме сила и храброст ова лето. Ако ништо не се промени, ќе мора да им дадеме простор на другите луѓе да работат место нас“, вели Аморим.