Менаџерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, изрази задоволство по победата на неговиот тим со 2-1 против Ренџерс во Лигата на Европа. Решавачкиот гол на Бруно Фернандеш во судиското продолжение ги донесе трите бода на Црвените ѓаволи, но португалскиот стратег истакна дека неговиот тим сè уште има простор за подобрување.
„Одлична победа, одигравме добро и ја контролиравме топката. Видов неколку добри комбинации и повеќе брзина. Бевме блиску до втор гол и создадовме многу шанси. Тешко беше кога ни израмнија, но момците реагираа добро. Се чувствуваше дека натпреварот е поинаков од оние во Премиер лигата. Понекогаш тоа може да биде корисно во однос на концентрацијата и контролата на топката“, изјави Аморим.
Португалецот призна дека покрај добрата игра, тимот имал проблеми и со ефикасноста во завршницата.
„Создадовме доста шанси, но исто така промашивме многу, а тоа можеше да биде проблем на крајот. Упативме многу удари, и тоа не само на овој натпревар, но многу од нив беа блокирани и треба да го подобриме тоа. Добро е што создаваме шанси, но мора да почнеме и да ги реализираме бидејќи натпреварот може да се промени во секој момент“, истакна менаџерот на Јунајтед.
Аморим ја истакна и смиреноста во играта на своите фудбалери.
„Мислам дека играчите беа посмирени со топката и носеа правилни одлуки. Разговаравме пред натпреварот и тие беа многу порелаксирани. По израмнувачкиот гол, не мислев дека натпреварот ќе заврши нерешено, туку дека ќе постигнеме втор гол. Атмосферата од трибините по нашиот втор гол беше неверојатна“, заврши Аморим.
Со оваа победа, Манчестер јунајтед направи значаен чекор кон излез од групната фаза, а Аморим нагласи дека тимот ќе продолжи да работи на подобрување на ефикасноста во нападот.