По ремито против Италија (1:1) во Скопје, македонските навивачи очекуваат нова радост, а тоа би било победа над Малта на утрешното гостување во квалификациите за Европското првенство во Германија. Позитивно е расположението кај сите, иако малку разочарувачки дојде информацијата дека првиот голман Столе Димитриевски е повреден и нема да брани на утрешниот дуел.
Иако играме на гости против Малта, на трибините на стадионот се очекува Македонија утре да има голема поддршка од многу навивачи. Неколку илјади Македонци живеат и работат во Малта, па секако и тие со нетрпение го очекуваа утрешниот дуел.
Ана е една од многуте нашинци кои се дојдени во Малта и веќе неколку години е на Островот.
„Има многу Македонци тука. Знам дека пред неколку дена одигравме нерешено против Италија. Убаво е кога нашата репрезентација гостува во земја каде што има многу наши луѓе“, вели Ана, која случајно ја сретнавме низ Островот.
Ана не го следи многу спортот, но знае дека утре ќе има фан зона за македонските навивачи и, секако, очекува да се радуваме по дуелот со домаќинот.
„Во Малта живеат и работат неколку илјади Македонци. Знам дека има организирано собиралиште за утрешниот меч. Сигурно ќе има многу наши кои ќе бидат на стадионот да дадат поддршка и верувам дека на крајот нашата репрезентација ќе победи“, додава Ана.
Според планот на домаќините, за македонските навивачи одвоена е трибината зад едниот гол и според капацитетот, таму може да собере до 4.000 гледачи.
Фан зоната за македонските навивачи ќе биде во еден од најпознатите македонски ресторани во Малта.