Новак Ѓоковиќ е голем фаворит за освојување на претстојниот грен-слем турнир Вимблдон, кој почнува на 3-ти јули, а така мисли и аналитичарката на Еуроспорт, Лора Робсон.
Новак има серија од 28 победи по ред на терените на „Ол Ингланд“ клубот, последниот пораз му беше во 2017 година и тоа затоа што предаде меч, а на централниот терен на Вимблдон веќе една деценија не знае за пораз.
„Ѓоковиќ дефинитивно е фаворит во моите очи, особено после Париз. Има огромна количина на самодоверба, турнирот го освоил многу пати, делува опуштено на оваа подлога, начинот на кој се движи на трева е поинаков од сите други, успева да остане во баланс, тешко е да се обложите против него“ – вели Робсон.
Британката верува дека Карлос Алкарас може да биде единствен ривал на Ѓоковиќ.
„Беше смешно на почетокот на Квинс кога Карлос губеше со 0-1 во сетови, изгледаше како неподготвен за игра на трева. Но, некако направи пресврт на тој меч и потоа беше подобар и подобар“ – додаде Робсон.
Инаку, Ѓоковиќ на Вимблдон сам има повеќе победени мечеви отколку сите други 19 тенисери од Топ 20 на АТП листата заедно.