Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, не ја криеше радоста по спектакуларните 4-4 против Реал Сосиедад во реваншот од полуфиналето на Купот на Кралот. Иако неговиот тим губеше во поголемиот дел од натпреварот, Италијанецот истакна дека во ниту еден момент не се сомневал во конечниот успех.
Сепак, и покрај пласманот во финалето, Анчелоти призна дека примените четири гола не се добар знак за тимот.
„Бевме сведоци на одличен натпревар, полн со грешки, но и со многу позитивни моменти. Најважно е што ја остваривме нашата цел и сме во финалето. Дури и кога губевме, бев смирен затоа што на ‘Бернабеу’ сè е можно. Реал Мадрид никогаш не се предава, особено дома пред своите навивачи“, изјави Анчелоти.
Тренерот посочи и на некои детали во играта на тимот.
„Во одредени моменти немавме среќа. Алаба двапати ја допре топката на начин што не чинеше скапо, но такви работи се случуваат во фудбалот. Да примиме четири гола не е добро, но затоа и постигнавме исто толку. Ни недостигаше баланс, но тоа го компензиравме со исклучително силен напад. Да постигнеш четири гола против Реал Сосиедад не е лесно“, истакна тренерот на Реал Мадрид.
Анчелоти ги коментираше и спорните судиски одлуки, посебно грубиот прекршок на Јон Оласагасти над Винисиус, кој според него, требало да биде санкциониран со црвен картон.
„Сметам дека тоа беше очигледен црвен картон. Нема што повеќе да се каже на таа тема. Исто така, му кажав на Винисиус дека ќе го заменам ако не се ангажира повеќе во одбраната. Од тој момент тој целосно го промени својот пристап и го даде најдоброто од себе. Во продолженијата беше клучен играч и асистираше за два од головите“, заврши италијанскиот стратег.