Анчелоти: Бразил е најкомплетен, јас немав проблем со Кристијано, љубопитен сум за мечот Франција – Англија!

Италијанскиот тренер Карло Анчелоти, смета дека Бразил е фаворит за освојување на Светското првенство, а проблемот на Англичаните го лоцира во менталитетот.

Анчелоти кој е тренер на Реал Мадрид, има освојувано титули во сите пет топ лиги во Европа, а единствен стручњак е со четири титули во Лигата на шампионите. Во интервју за „Кориере дело спорт“, тој даде неколку интересни изјави и анализи.

„Има големо разочарување во Мадрид, големи беа очекувањата од шпанската јавност, иако имаат многу млад тим. Луис Енрике го критикуваа и пред мечот со Мароко, сега можете да замислите како е. Инаку немаше многу изненадувања на првенството“ – вели Анчелоти, кој во Евертон му беше тренер на Ришарлисон.

„Тој е модерен напаѓач, не е многу висок, но добро игра со глава. Не е типичен бразилски голгетер, но секако е меѓу најдобрите. Ерата на Ибра, Роналдо, Суарез, Кавани, Меси и Бензема оди кон крај, Левандовски догодина ќе наполни 35 години. Новата генерација ја претставуваат Мбапе, Ришарлисон, Халанд, Хулијан Алварез и Дарвин Нуњез, признавам дека не го знаев Гонсало Рамош“ – изјави популарниот Карлето.

За тренерот на Реал, Бразил е фаворит за титулата на СП.

„Бразил е најкомплетен тим, имаат квалиет, свежина, и искуство, што е многу важно на вакви натпреварувања. Љубопитен сум за исходот на мечот на Франција со Англија. Менталитетот е проблем на Англичаните“ – смета Анчелоти.

Тој во Реал го има тренирано Кристијано Роналдо, со кој во 2014 година заедно ја освоија ЛШ.

„Не знам што е проблемот со него, можеби уште се чувствува како да има 20 години. Цела кариера се грижи за телото, но сега напорите се поголеми. Мене лесно ми беше со него. Две години го тренирав и немав ниту еден проблем со него, напротив, тој ги решава проблемите. Како може да биде проблем некој што дава гол на секој натпревар?“ – рече Анчелоти.

За крај, го прашаа дали е подобар Меси или Марадона.

„Какво е ова прашање? Играв против Диего, па само поради тоа ќе кажам Марадона“ – заклучува Анчелоти.

- Оглас -

Најнови вести