Анчелоти: Дали ќе играме како Реал Мадрид? Ако е како оваа сезона, подобро не

Карло Анчелоти на презентацијата како нов селектор на фудбалската репрезентација на Бразил, објасни дека поради повреди не ги повикал Нејмар и Родриго за јунските мечеви, а откри и кој е најдобриот Бразилец кој го има тренирано досега во кариерата.

Анчелоти ќе го има своето деби како селектор на бразилската репрезентација на 5 јуни во Гвајакил против Еквадор во квалификациите за Светското првенство.

Последниот меч на Бразил во квалификациите ќе биде дома, и тоа во септември против Чиле. Уште нема дефинирана локација, но Анчелоти има преференции за стадион.

„Секако дека би сакал да играме на Маракана. Никогаш не сум бил на Маракана. Би било убаво“, откри Анчелоти.

Тренирањето бразилски играчи нема да биде ништо ново за италијанскиот тренер. Во текот на својата успешна кариера Анчелоти менаџирал 34-ица играчи родени во Бразил. Тренерот рече дека има проблем само со еден Бразилец, но не откри кој, а го избра Роналдо како најдобар меѓу нив.

„Роналдо беше најдобар технички. Најпрофесионален беше Кафу. Забавни имаше многу, Милитао, Винисиус. Имам многу добар однос со сите. Многумина ми се јавија да ми честитаат и да ми посакаат среќа“, рече Италијанецот, кој смета дека и судбина му било да стане селектор на Бразил.

Последниот натпревар на Карло како играч беше пријателски натпревар против Бразил, а како помошник селектор во 1994 неговата Италија играше со Бразил во финалето на СП во САД.

Анчелоти не можеше да не го спомне и Реал Мадрид.

„Му благодарам на клубот што ми дозволи да станам селектор на Бразил. Дали ќе играме како Реал Мадрид? Зависи. Како минатата сезона да, но не како што игравме оваа“, рече Анчелоти.

 

- Оглас -

Најнови вести