Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, ги сподели своите размислувања пред утрешниот натпревар против Аталанта во шестото коло на Лигата на шампионите.
„Нѐ очекува многу тежок натпревар. Аталанта многу напредуваше по Суперкупот. Тие се во одлична форма и играат со голем ентузијазам“, изјави Анчелоти.
„Имам мала дилема околу тоа дали Винисиус ќе може да започне како стартер, исто како и Родриго. Други дилеми околу тимот, немам“, додаде тренерот на Реал Мадрид во однос на состојбата на двајцата бразилски фудбалери.
За претстојниот натпревар и работата на својот колега Џанпјеро Гасперини, Анчелоти искажа само пофални зборови.
„Со Џанпјеро Гасперини сме добри пријатели. Неговата работа во Аталанта е фантастична, величествена. Тој секоја година менува многу играчи, а тимот е сѐ подобар и подобар“, истакна Анчелоти.
Реал Мадрид во моментот се наоѓа на 24-то место на табелата во Лигата на шампионите со шест освоени бода, додека Аталанта е на петтото место, без пораз во пет меча и со 11 бода.