Карло Анчелоти синоќа го освои петтиот трофеј во кариерата од европскиот Суперкуп откако дојде до третиот со Реал Мадрид, а два има освоено со екипата на Милан. Со тоа на врвот го мина Пеп Гвардиола и останува на четири трофеи, два со Барселона и по еден со Баерн Минхен и Манчестер сити.
Воедно, Анчелоти се израмни на врвот на најтрофејните тренери во историјата на Реал Мадрид со 14, колку што има и легендарниот Мигел Муњос. Италијанецот беше презадоволен од освоениот трофеј и најави уште титули оваа сезона, но не заборави и да го пофали Килијан Мбапе.
„Чест и привилегија е да се доживеат вакви моменти. Малку се мачевме во првото полувреме бидејќи Аталанта притискаше и добро се бранеше. Во второто полувреме кога се заморија, добивме повеќе простор, па Родриго, Винисиус и Мбапе станаа многу опасни. Мбапе има квалитет, оваа сезона може да даде и повеќе од 50 гола. Мора да направиме баланс, денес имавме, иако во првото полувреме беше тешко. Сепак, одлично одигравме во одбрана“, рече Карло Анчелоти по победата од 2-0 над Аталанта.