Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти го призна поразот на гостувањето кај Вилјареал, во првото коло од 2023 година во шпанската Примера дивисион. Ова е втора година по ред, Реал да стартува во јануари во првенството со пораз, нешто што претходно им се нема случено преку 70 години.
Вилјареал поведе со 1:0, а потоа Реал израмни од пенал преку Бензема. Сепак, многу брзо потоа беше досуден пенал и за Жолтата подморница по кој Вилјареал поведе со 2:1, кој се покажа и како конечен. По мечот, тренерот на Реал, Карло Анчелоти коментираше околу одлуките на судијата да има два пенали на средбата.
„Треба да се навикнеме на тоа дека кога некој ќе ја удри топката со рака во казнениот простор, се суди пенал. Ако зависеше од мене, немаше да има ниту еден пенал. Сепак, треба да се навикнеме на тоа, затоа што такво е правилото“, вели Анчелоти кој призна дека Вилјареал бил подобар тим и дека противникот заслужено победил.