По месеци на шпекулации, неодлучност и неколку пресврти, Карло Анчелоти конечно донесе одлука: по разделбата со Реал Мадрид, ќе седне на клупата на бразилската фудбалска репрезентација.
Иако само пред една недела италијанскиот стратег категорично го одби Бразил, шпанскиот весник „АС“ открива дека Анчелоти и претседателот на Фудбалската конфедерација на Бразил, Едналдо Родригес, постигнале конечен договор.
Потпишувањето на договорот се очекува на 12-ти мај, ден по „Ел Класико“ против Барселона, меч кој веројатно ќе биде клучен за исходот на Ла Лига оваа сезона.
Анчелоти и Реал ќе мора да ја расчистат ситуацијата со прекинувањето на договорот кој официјално трае до 2026 година. Според најавите, се работи на договор за исплата на одштета, за што се очекува зелено светло од претседателот на Реал, Флорентино Перес.
Иако се шпекулираше дека би можел да ја прифати богата понуда од Ал-Хилал и да се пресели во Саудиска Арабија, Анчелоти ја отфрлил таа можност. Тој сè уште се гледа себеси на највисоко ниво на светската сцена, а водењето на Бразил на Светското првенство во 2026 година претставува предизвик што не може да го одбие.
Со овој потег, Бразил добива еден од најтрофејните тренери на сите времиња, кој ќе има задача да ја врати селекцијата на самиот фудбалски врв, по разочарувањето на Мундијалот во Катар.