Анчелоти: Миланезите ме молат да го победиме Ливерпул, имам многу мотиви за победа

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, на денешниот отворен ден за медиуми на УЕФА, говореше за претстојното финале од Лигата на шампионите помеѓу Реал и Ливерпул.

Италијанскиот стручњак има многу мотиви пред ова финале. Може да стане прв тренер со четири европски титули, а има и желба за одмазда.

Во 1981 година, истотака во Париз, Ливерпул во финалето го победи Реал со 1-0, па сега Кралскиот клуб има шанса да им врати на Црвените во истиот град. Во 1984 година, Анчелоти како член на Рома, поради повреда не играше во финалето во Рим кога Рома загуби на пенали од Ливерпул и тоа му е еден од најболните порази. Како тренер на Милан, беше шокиран од Ливерпул истотака на пенали во 2005 година во Истанбул, во меч на кој Росонерите по првото полувреме водеа со 3-0.

Пред да се врати во Реал, Анчелоти го тренираше Евертон, градскиот ривал на Ливерпул.

„Ќе биде неизвесно финале, тоа е сигурно. Во вакви мечеви не решава само квалитетот на играчите, туку и физичкиот и менталниот аспект. Имав трагични порази против Ливерпул во 1984 и 2005, го победив во 2007, сега имам нова шанса за реванш. Мои пријатели кои навиваат за Милан, ме молат да победиме, за да не се изедначи Ливерпул со Милан на второ место по бројот на титули“ – рече Анчелоти.

- Оглас -

Најнови вести