Реал Мадрид синоќа доживеа тежок пораз (3-0) на гостувањето кај Арсенал, а веднаш потоа започнаа шпекулации дека Карло Анчелоти сигурно ќе добие отказ на крајот од сезоната. Сепак, шпанските медиуми пишуваат дека тој денес имал разговор со претседателот Флорентино Перес, кој му кажал што треба да се случи за да остане на клупата на Кралевите.
Поразот донесе жестоки критики за Карло Анчелоти, за кого некои шпански медиуми веќе објавија дека е поранешен и дека сигурно ќе добие отказ на крајот од сезоната.
Иако со Реал постигна одлични резултати во претходните сезони, сè погласни се шпекулациите дека летово на негово место ќе дојде Чаби Алонсо, кој наводно веќе дал согласност да го преземе клубот.
Сепак, дел од шпанските медиуми пренесуваат дека Анчелоти денес имал состанок со Перес по враќањето во Мадрид и дека е свесен дека неговата позиција е незавидна.
Перес му дал до знаење дека постои голем притисок да добие отказ, но дека тоа нема да се случи пред крајот на сезоната.
Исто така, претседателот на Реал наводно му порачал дека не е сè загубено и дека постои надеж да остане тренер и следната сезона, но дека јасно се знае што мора да направи.
„Ќе останеш тренер ако освоиш важен трофеј. Освои го, и остануваш“, ги пренесува весникот „АС“ зборовите што Флорентино Перес му ги упатил на Карло Анчелоти.