Кариерата на Еден Азар во Реал Мадрид е неспоредливо лоша со неговиот период во Челзи каде ги пружаше најдобрите партии. Цели три сезони мадридистите чекаа Белгиецот да блесне во кралскиот дрес, а Азар константно се мачеше со повреди до неодамна.
При прославата за освоените титули во Шпанија и Лигата на шампионите, Азар се обрати до навивачите дека во следната сезона ќе се покаже во вистинското светло, ќе биде оној Еден кој блескаше бранејќи ги боите на лондонските Сини.
За да го оствари тоа ветување, ќе му помогне Карло Анчелоти. Шпанските медиуми пренесуваат дека Азар тренира за нова позиција, односно ќе добие поразлична улога. Наместо стандардно по левата крилна позиција, Азар отсега ќе биде лажна „деветка“, односно ќе биде напаѓач со повеќе креативни обврски. На овој начин Анчелоти ќе има повеќе простор да го одмора Бензема.
Крилните позиции во Реал се веќе резервирани за бразилското дуо Винисиус – Родриго, па за Азар да биде максимално искористен, отсега ќе делува како втор напаѓач меѓу Кралевите.