Реал Мадрид вечерва гостува кај Реал Сосиедад, а тренерот на актуелниот шпански првак е во големи проблеми. Дури осуммина фудбалери на Кралскиот клуб се повредени, а Карло Анчелоти мора да состави тим со кој ќе атакува на трите бода на ова незгодно гостување.
Меѓу повредените се и играчите од средниот ред, Џуд Белингам, Едуардо Камавинга, Аурелиен Чуамени и Дани Себалјос. Во една таква ситуација, весникот „Ас“ потенцира дека главен во средниот ред треба да биде ветеранот Лука Модриќ.
Хрватот кој неодамна наполни 39 години сезонава има пет настапи за Реал, но само против Лас Палмас беше стартер. На останатите дуели влегуваше како резерва и одигра 27 минути против Мајорка, 21 минута против Валјадолид, шест минути против Бетис и 14 минути против Аталанта во Супер купот на УЕФА.
Сепак, дека Модриќ уште може да биде вистински лидер на теренот покажа во дресот на хрватската репрезентација кога даде фантастичен погодок од слободен удар против Полска и токму со тој гол донесе победа на Коцкестите.