Реал Мадрид претрпе многу болен пораз на гостувањето кај Еспањол, останаа без столбот во одбраната Антонио Ридигер за кој денеска ќе се знае каква повреда има, после подолго време не постигнаа гол на гости, а во финишот примија гол и тоа од играч кој според нив, а и многу стручњаци, претходно мораше да добие црвен картон за груб фаул од позади над Килијан Мбапе.
Во следното коло Реал игра дома со Атлетико и ако евентуално загуби, ќе остане и без лидерското место на табелата.
Тренерот Карло Анчелоти беше незадоволен од арбитражата особено околу фаулот на Ромеро над Мбапе.
„Еспањол одигра добар натпревар, одлично се бранеше, се обидуваа да направат контранапади, нашата игра не беше толку лоша како што покажува резултатот, но понекогаш и ова се случува. Имавме шанси, во борба сме за титулата и треба да гледаме на следниот натпревар. Необјасниви се одлуките на судијата и ВАР. Сите видоа што се случи. Главната работа е да го заштитиме фудбалерот. За среќа, сè испадна добро по Мбапе и не се повреди. Зошто ни е потребен ВАР ако не реагира во вакви ситуации? Необјасниво е како не беше покажан црвен картон. За поништениот гол на Винисиус, судијата рече дека Мбапе направил прекршок“, изјави Анчелоти.