Лука Модриќ ги игра последните неколку месеци во дресот на Реал Мадрид. Легендарниот хрватски репрезентативец повеќе од една деценија е вистински лидер на клубот со којшто освои пет титули во Лигата на шампионите, но сега е време ветеранот да си замине.
Десетката на Модриќ во следната сезона ќе ја носи Килијан Мбапе, кој треба да дојде од Пари Сен Жермен, но тој секако дека нема да биде замена за Лука. Реал е во потрага и по играч кој ќе биде „мозок“ на екипата, а медиумите веќе почнаа да шпекулираат дека тренерот Карло Анчелоти има идеја кој треба да го наследи Хрватот.
Анчелоти го гледал синоќешниот дуел меѓу Интер и Атлетико Мадрид и шпекулациите се дека италијанскиот стратег упатил и порака до претседателот на Кралскиот клуб, Флорентино Перес, дека „Николо Барела може да биде новиот Лука Модриќ“.
Барела сезонава игра одлично. Во 33 меча даде два гола, а има и пет асистенции, а преку него мора да помине речиси секој напад на Интер. Барела е стандарден и во репрезентацијата на Италија. Во негова корист е и фактот дека има 27 години, што значи дека е доволно искусен, но и дека има уште доволно години за да игра на високо ниво. Барела и минатата сезона беше одличен и со Интер, играше во финалето на ЛШ, каде што загуби минимало со 1:0 од Манчестер сити.