Анчелоти: Од моја уста никогаш нема да излезе дека Меси е најдобар на сите времиња!

Актуелниот европски и шпански шампион, Реал Мадрид, утре гостува кај Валјадолид и почнува пеколен ритам на одигрување на натпревари – Кралскиот клуб до 19 февруари ќе игра мечеви на секои три дена.

Тренерот Карло Анчелоти на располагање го има целиот тим, а на прес-конференцијата го прашуваа за повеќе теми кои беа актуелни периодов, како можноста да биде селектор на Бразил и дали мисли дека сега по освоената светска титула, Лионел Меси е најдобар на сите времиња.

„Не знам дали Бразилците се интересираат за мене бидејќи не ми се јавиле. Го ценам тоа што ме спомнуваат како кандидат, но јас сум среќен во Реал Мадрид и тука ќе останам додека не ми кажат дека мојата авантура е завршена“, изјави Анчелоти, кој е единствен тренер со четири титули во Лигата на шампионите и единствен што освоил титула во секоја од петте најсилни лиги во Европа.

За Меси, Анчелоти има пофални зборови, но не сака да го нарече најдобар на сите времиња.

„Тешко е да се каже дали Меси е најдобар во историјата, никогаш нема да кажам дека Меси е најдобар. Не е фер да се каже тоа бидејќи во секоја ера имало многу големи фудбалери. Не знам кој е најдобар. Јас ги паметам и Кројф и Марадона како играа, а во моментов секој ден го тренирам освојувачот на Златната топка за оваа година“, смета Италијанецот.

- Оглас -

Најнови вести