19.8 C
Skopje
среда, 9 јули 2025

Анчелоти осуден на една година затвор, но нема да биде зад решетки

Поранешниот тренер на Реал Мадрид, а актуелен селектор на Бразил, Карло Анчелоти, беше осуден на една година затвор за даночен прекршок од 2014 година, додека беше ослободен од обвиненијата за слично дело од 2015 година.

Иако затворската казна на Анчелоти формално ќе биде безусловна, тој нема да оди зад решетки. Имено, според шпанскиот закон, казни помали од две години за првото кривично дело можат да се издржат условно.

Според информации од судски извори, Покраинскиот суд во Мадрид му изрекол на Анчелоти и парична казна во износ од 386.361 евра, како и тригодишна забрана за примање јавна помош и субвенции, како и користење даночни и социјални бенефиции.

Иако беше ослободен од обвинението за затајување данок на доход за 2015 година, судот пресуди дека тој мора да ја обештети државната каса во истиот износ од 386.361 евра.

Обвинителството го обвини италијанскиот тренер дека ја оштетил државната каса за вкупно 1.062.079 евра, 386.361 евра во 2014 година и 675.718 евра во 2015 година, за време на неговиот прв мандат на клупата на Кралскиот клуб.

За време на судењето, кое се одржа на 2 и 3 април во Мадрид, Анчелоти изјави дека никогаш не му била намера да ги измами даночните власти и дека дејствувал по совет на клубот и неговите финансиски советници. 

Тој побара ослободителна пресуда, а во случај на осуда, побара да се земат предвид олеснителни околности, вклучувајќи надомест на штета, намирување на долгот до крајот на 2021 година и предолго траење на постапката.

 

- Оглас -

Најнови вести