Наполи вчера издвои победа над Ливерпул со минимални 1-0, а круцијален за „наполитанците“ беше Лоренцо Инсиње, кој погоди во последната минута од регуларните 90 на „Сан Паоло“. Тренерот на вчерашните домаќини, Карло Анчелоти, е задоволен од начинот на којшто неговата екипа се избори за победа, а смета дека голот го постигнаа во вистински момент.
„Игравме добро цел меч, целосно ја контролиравме топката, а уште повеќе ме радува што многу малку му дозволивме на Ливерпул да креира шанси. Ние можевме и порано да дадеме гол, но Инсиње погоди во вистинско време. Ако дадевме гол порано, притисокот ќе беше поголем бидејќи Ливерпул никогаш не се предава пред време и може да изненади во кој било момент“, изјави Анчелоти по мечот.
Допрва ќе следи заплет во групата Ц во борбата за позициите кои водат во нокаут-фазата. По два натпревари, Наполи е прв со четири бода, по три имаат ПСЖ и Ливерпул, а Црвена ѕвезда има само еден освоен бод.