Реал Мадрид трет меч по ред во првенството победува со 1:0 и на тој начин ја задржува шансата за одбрана на титулата во Примера дивисион. Кралскиот клуб синоќа даде еден гол, но и тој беше доволен да слави на теренот на Хетафе и се врати само на четири бода зад лидерот Барселона.
Освен трката за титулата во првенството, на Реал и Барселона сега им следува клучна битка за титулата во Купот. Двата гиганти ќе играат во саботното финале, а тренерот на Реал, Карло Анчелоти, најави дека ќе има дополнителен проблем.
„На левата бековска позиција единствена опција ни е Фран Гарсија. Камавинга и Алаба имаат мускулни повреди и тие нема да бидат подготвени за финалето во Купот. Дали Барселона е фаворит во финалето? Тоа е дерби-меч, а кога е дерби, никогаш ништо не се знае предвреме. Добро е што ги освоивме трите бода против Хетафе. Ја остваривме нашата цел на ова гостување. Арда Ѓулер играше одлично. Мислам дека тој многу подобро ќе се снајде во средниот ред отколку во нападот“, рече Анчелоти.
Реал и Барселона сезонава веќе играа во едно финале, и тоа во Суперкупот, а каталонскиот гигант беше убедлив и победи со 5:2.