Реал Мадрид и Барселона беа убедливи во дуелите од Лигата на шампионите, па нивниот меѓусебен утрешен дуел во Примера дивисион се чека со големо нетрпени. Првото Ел Класико за оваа сезона ќе биде на „Сантијаго Бернабеу“, а тренерот на Реал, Карло Анчелоти, вели дека некогаш не треба многу да се прават планови за вакво дерби, но и дека има смислено свои планови.
„Нашиот тим работи добро, мотивирани сме. Ел Класико е голем меч, тоа е прослава на фудбалот и сакаме да одиграме добро пред нашите навивачи. За вакви натпревари не треба многу да се зборува. Вистината е дека инструкциите треба да бидат многу јасни, а стратегијата едноставна, ништо повеќе. Тоа не е меч за кој треба премногу да разговарате со играчите. Кога бев фудбалер и бев многу загрижен, Ван Бастен само ќе ми речеше „релаксирај се, стратегијата е многу едноставна, дај ми ја топката“. И многупати тоа функционираше. Критиките не ме плашат, многу добро разбирам како функционираат работите. Сакам да ги објаснам моите идеи и потоа да им ги соопштам на играчите, но имам нешто конкретно на ум. Честопати сакам да знам што мислат играчите за пристапот кон даден натпревар. Мислам дека нема фаворит на ваков дуел. Сè зависи од динамиката на натпреварот. Еден момент може да биде и решавачки“, вели Анчелоти.
Во пресрет на дербито, Барселона е лидер на табелата со три бода повеќе од Реал Мадрид.