Наполи со гол примен во 91-вата минута загуби на гостувањето кај Интер во дербито од Серија А, но наместо за фудбалските моменти, главна тема се испадите на навивачите на „нераѕурите“. Домашните фанови имаа расистички напади кон дефанзивецот на Наполи, Калиду Кулибали.
Сенегалскиот репрезентативец заработи црвен картон и мораше предвреме да го напушти теренот. Кулибали најпрво доби жолт картон поради влечење на противнички играч, а потоа заработи и исклучување поради аплаузот кој го даде. Не е јасно дали Кулибали аплаудираше кон судијата за тоа што му даде жолт картон или кон навивачите на Интер, кои постојано го навредуваа поради неговата темна боја на кожата.
Тренерот на Наполи, Карло Анчелоти, вели дека воопшто не му е лут на Кулибали за реакцијата која ја направи.
„Воопшто не му се лутам на Кулибали за црвениот картон што го доби. Неколку пати од судијата баравме да го прекине мечот, но се што добивме беше објава од службениот спикер. Кулибали најчесто е мирно момче, добро е воспитан, но мораше постојано да ги слуша тие испади. Поради тоа, Кулибали не беше 100 отсто сконцентриран на дуелот. Мораше мечот да биде прекинат. Ако судиите не сакаат да го прават тоа, ќе мора ние да правиме прекин и ќе си заминеме од теренот“, се закани тренерот на Наполи, Карло Анчелоти.
И тренерот на Интер, Лучијано Спалети се согласи дека на стадионите нема место за расизам.
„Тоа не смее да се случува. Ако 65.000 луѓе за време на Божиќ заминат на стадион да гледаат фудбал, тие сакаат да уживаат во фудбалот, а не во вакви работи. Мораме брзо да го промениме менталитетот бидејќи вака не е добро“, рече Спалети.