Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, го коментираше поразот на неговиот тим со 1-2 од Валенсија, кој значително ги намали шансите на Кралевите да се борат за првото место на крајот од сезоната.
Иако на теренот Реал беше доминантен во создавањето на шанси, недостатокот на ефикасност и неколку критични моменти го чинеше пораз.
„Можеби ни недостигаше малку среќа, но сме решени да се бориме до крај. Јасно е дека сега работите за нас стануваат многу покомпликувани во трката за титулата“, изјави Анчелоти по мечот.
Тој посочи дека иако можеби шансите за освојување на титулата сега се намалени, тимот ќе продолжи да се бори и да се фокусира на наредните натпревари. Особено важен за него ќе биде дуелот против Барселона во Купот на Шпанија, кој ќе бара поголема агресивност и поконкретен напад.
Анчелоти ја изрази загриженоста за нереализираните пенали, особено на Винисиус јуниор. Сепак, тој ја нагласи фокусираноста на Бразилецот и неговата способност да се врати на вистинскиот пат.
Иако на моменти играчите не беа доволно ефективни, Анчелоти истакна дека критичните моменти како што се поништените голови и голот примен од контранапад, можеа да ја променат динамиката на мечот. Тој се согласи дека Валенсија одигра одлично, но убеден е дека Реал не заслужи пораз.
„Не се работи за однесување, туку за малите детали кои одлучуваат“, додаде Анчелоти, истакнувајќи дека играчите мораат да бидат поконцентрирани и да посветуваат внимание на сите аспекти од играта.