Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, одлучи да стави крај на шпекулациите околу неговата иднина, односно преземањето на бразилската репрезентација.
Италијанецот изјави дека има само една желба, да остане на клупата на Реал Мадрид до истекот на договорот, по што ќе замине во пензија.
„Сакам да продолжам да го тренирам Реал, навистина сум среќен во Мадрид и тоа го кажав многу пати. Сакам тренерската кариера да ја завршам во Реал“, изјави Анчелоти за весникот „Марка“.
Со денешната изјава, Анчелоти ги демантираше шпекулациите дека на крајот од сезоната ќе си замине од Реал Мадрид и ќе седне на клупата на репрезентацијата на Бразил.
Реал под водство на Анчелоти, минатата сезона триумфира во Лигата на шампионите и ја освои титулата во Ла Лига, а сезонава веќе обезбеди пласман во четвртфиналето во ЛШ, додека во шпанскиот шампионат најверојатно ќе остане без трофејот бидејќи лидерот на табелата, Барселона, има 12 бода повеќе.