Tренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, зборуваше по победата на неговиот тим против Атлетико Мадрид со 2-1 во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите.
„Тежок натпревар, како што секогаш е против Атлетико. Во првото полувреме изгубивме премногу топки и направивме непотребни грешки. Хулиан Алварес постигна гол од соло-акција. Во второто полувреме бевме подобри. Успеавме да стекнеме предност и тоа го искористивме“, изјави Анчелоти.
Кралевите третпат оваа сезона се соочија со градскиот ривал, но дури сега ја извојуваа првата победа.
„Работевме напорно, го контролиравме натпреварот и вршевме голем притисок. Но, идејата не беше само да притискаме, туку да останеме компактни. Тимот беше компактен во текот на целиот натпревар“, додаде Анчелоти.
Претходните два дуела во Ла Лига завршија со идентичен резултат 1-1.
„Камавинга не беше 100% подготвен за натпреварот. Имаше болки во грбот кои го вознемируваа, па затоа Модриќ влезе и ја покажа својата класа“, објасни Анчелоти.
Кралевите имаат самодоверба како тим кој во реваншот на своја страна ја има историјата. Две од своите 15 титули во Лигата на шампионите ги освоија токму против Атлетико Мадрид – во 2014 и 2016 година.
„Беше тежок натпревар. Стекнавме мала предност и со нетрпение го очекуваме реваншот за пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Но, ќе ни биде многу тешко. Атлетико ќе притисне повеќе, но, сепак, и таму ќе има израмнета борба. Квалитетот на двата тима е многу висок. Ова е дуел во осминафинале, но може да биде и полуфинале или финале. Не сме среќни што играме против Атлетико, а и тие не се среќни што играат против нас“, заврши Анчелоти.
Реваншот ќе се одигра следната недела, на 12 март на „Метрополитано“.