Анчелоти во стилот на Мурињо: Извини, не те слушнав

Наполи заостанува шест бода зад лидерот Јувентус, во трката за титулата во италијанската Серија А, а следниот предизвик ќе го има утре и тоа на гостински терен кај Џенова. Гостите од Неапол се апсолутни фаворити, бидејќи во поседните 12 средби против овој ривал имаат девет победи и три нерешени. Џенова во чии редови е Горан Пандев, речиси седум години нема победа над Наполи.

Тренерот на „наполитанците“, Карло Анчелоти верува дека со триумф на ова гостување и со евентуален пораз на Јувентус на гостувањето кај Милан, трката за титулата во Италија повторно ќе стане возбудлива. Сепак, за Анчелоти најважно е неговиот тим да победува.

„Џенова е опасен противник и мора добро дас е подготвиме. Досега добро сработивме, но секако може подобро. Секој ден мора да се обидуваш да биде подобар. Против Џенова можеби ќе биде потешко да се најде перфектна мотивација за играчите како што то аго направија во дуелите против ПСЖ, но верувам во нашите можности“, вели Анчелоти.

Еден од најискусните тренери во Европа беше запрашан што мисли за реакцијата на Жозе Мурињо по дуелот Јувентус – Манчестер Јунајтед, а Анчелоти направи мини шоу. Наместо првично да одговори на прашањето, тој го повтори потегот на Мурињо и на новинарот му се обрати со зборовите „Извини не те слушнав“. Потоа Анчелоти одговори.

„Тоа е реакција откако некој 90 минути бил навредуван. Тоа беше ироничен потег, ништо посебно. Проблемот со културата не е само кај навивачите на Јувентус, туку и кај многу други во Италија“, објасни Анчелоти.

 

 

- Оглас -

Најнови вести