Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски се закити со бронзен медал во дисциплината скок во далечина на Балканијадата за сениори во Волос.
Овој резултат е уште една потврда за одличната форма во која Трајковски се наоѓа годинава. Во силна конкуренција, тој успеа да оствари скок од 7,77 метри во последната серија, што беше доволно за третото место.
Првото место го освои домашниот фаворит Милтиадис Тентоглу, олимписки, светски и европски првак, со резултат од 8,07 метри, додека среброто замина кај бугарскиот натпреварувач Божидар Сарабујуков, актуелен европски првак во сала, кој скокна 7,90 метри.
„Пресреќен сум што го донесов овој медал за Македонија. Ветерот создаваше навистина тешки услови за сите натпреварувачи, па затоа сум задоволен од скокот од 7,77 метри, особено во дуел со Милтос Тентоглу. Со подобри услови, можев да стигнам и до 8 метри“, изјави Трајковски по натпреварот.
Оваа година Трајковски беше финалист на Европското првенство во сала во Апелдорн (Холандија), каде заврши на осмото место, а пред еден месец го освои првото место на Европското екипно првенство во Марибор (Словенија).