2.8 C
Skopje
вторник, 3 март 2026

Андреј Ѓурчиновски стана најмлад шампион на Македонија во билијард

Неодамна заврши последниот, седми мастерс турнир кој носи бодови за поединечното државно првенство во билијард, по што е позната конечната табела за 2025 година. Официјално, нов шампион е 15-годишниот Андреј Ѓурчиновски.

Во Дивизија А, каде што настапуваат најдобрите 16-мина играчи, на овој турнир кој се одигра во Сарај триумфираше токму Ѓурчиновски, а неговиот ривал и претходно двократен шампион на Македонија, Христо Василевски, со пласманот на третото место не успеа да го одбрани тронот. Второпласиран на овој турнир е Блендијан Ќазими, поранешен младински репрезентативец во снукер, кој со ова воедно се избори и за третото место во генералниот пласман, пред Златко Ицановски.

На последниот турнир, младиот Ѓурчиновски уште еднаш ја покажа својата зрелост која ја демонстрираше во текот на целата сезона, но и на Европското првенство во младинска конкуренција кое се одржа во Словенија, каде што го освои сребрениот медал.

Со ова 15-годишниот Андреј стана најмлад шампион на Македонија во билијард, освојувајќи четири од седумте турнири во државното првенство. Дека оваа година тој навистина направи голем исчекор, потсетува и фактот дека претходно го освои и Купот на Македонија во билијард.

Во Дивизијата Б, на овој турнир победник е Димитар Лукревски од БСК Гран Клуб, финалист Берат Јашари исто од Гран Клуб, додека на третото место се двајцата полуфиналисти, Дане Крстевски од Пауер Бол Струмица и Диели Весели од Голден Бол Тетово.

Најдобрите играчи во генералниот пласман се квалификуваа за настап во елитното друштво идната година: победникот во Б дивизијата, Мирсад Зекири, а со него и Диели Весели, Дејан Сипковски и Димитар Лукревски.

До крајот на годината треба да се одиграат и јуниорскиот турнир, како и турнирот за ветерани, а завршницата ќе биде со одигрување на екипно првенство.

- Оглас -

Најнови вести