Младиот македонскиот крилен кошаркар Андреј Јакимовски замина за САД, каде што во новата сезона ќе игра за Вашингтон стејт универзитетот во НЦАА лигата. Јакимовски иако ќе биде далеку од дома, вели дека за ноемвриските мечеви против Италија и Естонија ќе му се стави на располагање на селекторот Александар Тодоров.
„Добив ветување од сите структури на Универзитетот дека имам дозвола да бидам со репрезентацијата во квалификациите за Европското првенство 2021. За следниот мини-циклус веројатно нема да има никаква дилема за мое играње за националниот тим затоа што ќе се игра во ноември, а НЦАА лигата, најверојатно, ќе стартува во јануари. Може да ги пропуштам последните два квалификациски дуела, но и за тоа можеме да разговараме ако постои простор“, вели Јакимовски, кој следното лето сака за последен пат да игра и за младата селекција на ЕП во Б дивизија.
„Ќе инсистирам да играм на младинското ЕП од Б дивизија идното лето затоа што тоа ќе биде мој последен настап во младинските селекции на Македонија“, најавува Јакимовски, кој во следните четири години ќе собира искуство играјќи колеџ-кошарка која за многумина е отскочна штица за НБА-лигата.