Бившата српска ракометарка позната кај нас по игрите во Кометал Ѓорче Петров и љубовната врска со Тоше Проески, Андријана Будимир, во интервју за српски „Мондо“, рече дека во Европа веќе нема екипи каква што беше Кометал со кој во 2002 ја освои Лигата на шампионите.
„Кометал беше суспендиран една година и мораше да игра квалификации за Лигата на шампионите против Напредак. Една недела пред тој натпревар игравме во Свилајнец и не играв ниту секунда. Бев многу бесна. Во понеделникот или вторник, Дрониќ која играше на моја позиција, ги скина лигаментите на коленото и тренерот немаше друга опција, мораше да ме пушти. Тоа е спорт, додека за некој не му се стемни, на друг нема да му се раздени. Го ‘заклав‘ Кометал и во Крушевац и во Скопјe, постигнав по 15 гола во Крушевац и таму. Им недостасуваше лев бек. Тоа беше тим каде што имаа играч на секоја позиција кој барем еднаш беше во најдобриот состав на светот. Сега нема таков тим, дури ни Ѓер“, се присетува Будимир која имаше 21 година, но беше една од клучните алки во тој шампионски тим.
Штом пристигнала во Скопје, била супер прифатена од постарите играчи, а според неа, најголемиот натпревар во нејзината кариера е полуфиналниот натпревар со данскиот Ларвик.
„Играме дома со Ларвик, бркаме седум гола. А, таму јас промашувам зицер за минус шест. Ларвик веќе организираше прослава во дискотека, што и јас би го направила истото да победев со седум гола разлика на првиот меч. Го отвораме реваншот со 9-0, мислев дека салата ќе се урне. Индира беше капитен, носител на играта, а се повреди, остануваме без неа. Во првото полувреме постигнав осум гола, во второто ме затворија целосно, а знам дека кога зеде тајм-аут, тренерот зборуваше исклучиво на руски. Не разбирав ниту еден збор. Имаш 15 секунди напад, ако постигнеш гол одиш во финалето, ако не – не одиш. Акцијата започнува и никој жив не сака да тргне и да постигне гол. До ден-денес го гледам тоа видео и мислам дека Бог ги одвои играчите меѓу кои што поминав. Ако не беше гол, ќе беше чист пенал. Судиите рекоа по натпреварот – се молевме на Бога топката да влезе во голот, кој ќе судеше пенал“, раскажа Будимир.
Во финалето против Херц Ференцварош се паметат шраубата на Кастратовиќ и последниот, цепелинот од Индира за Будимир.
„Се договоривме пред натпреварот дека ако имаме добар резултат, ќе играме цепелин. Не можам да објаснам како Македонија го доживеа тоа. Се сеќавам како трчав, паѓав, не знам што да правам со себе од среќа. Не е секогаш важно кој има најдобри играчи, туку каква е комбинацијата на играчи. Ова беше совршена комбинација, на секој натпревар некој друг беше најдобар играч. Немаше себичност. Одбраната беше важна, ни рече тренерот – кога ќе примиме помалку од 22 гола, ќе победиме на секој натпревар. Така беше“, вели Андријана меѓу другото во интервјуто.
Во 2005 година, Будумир како ракометарка на Шлагелсе, во финалето го победи „нејзиниот“ Кометал и не ѝ било сеедно.
„Кометал беше клубот кој ми даде најмногу, ме поттурна во секој поглед. Иако бев во тренерка на Шлагелсе, навивачите навиваа за мене, не можеа да ме мразат. Не беше исто чувството кога ја освоив втората титула и тоа против Кометал на истиот терен, не си среќен како првиот пат кога ќе ја освоиш титулата“, вели Будимир.

