Андреа Ањели, првиот човек на Јувентус и еден од основачите на Суперлигата, упати порака за помирување со УЕФА. Суперлигата требаше да биде лига која ќе ја сруши Лигата на шампионите, но таа идеја траеше само 48 часа, пред да биде сопрена.
Европската фудбалска куќа (УЕФА) подигна дисциплинска постапка за сите оние клубови кои сакаа да бидат дел од Суперлигата, а Јувентус заедно со Барселона и Реал Мадрид беа главни во оваа идеја. Ањели, кој беше и еден од главните луѓе во УЕФА, доби отказ од сите функции во европската фудбалска куќа, а претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, тогаш изјави: „Јас сум адвокат, специјализиран за казнено право и во животот сум сретнал секакви змии. Меѓутоа, Ањели е најголемата меѓу нив“.
Ањели во пораката за смирување со Чеферин и УЕФА порача: „Мислам дека со тоа што дадов оставки од сите функции во УЕФА, постапив коректно. Чеферин и понатаму останува личност која ја почитувам, а пред сè, тој е кум на мојата ќерка. Времето ќе ги залечи сите рани“, рече Ањели.