Андреа Ањели, претседателот на Јувентус, призна дека Суперлигата не може да продолжи откако англиската шестка се повлече.
Манчестер јунајтед и Сити, Челзи, Ливерпул, Арсенал и Тотенхем вчера навечер преку соопштенија притиснати од навивачите се премислија и го повлекоа своето учество од најавеното елитно натпреварување, иако Ањели уште верува дека проектот ќе беше успешен.
„Суперлигата не може да продолжи откако англиските клубови се повлекоа од проектот. Јас и натаму верувам дека ќе донесеше голем успех и ќе беше најдоброто натпреварување во светот“, изјави Ањели за „Ројтерс“.
Според првиот човек на Бјанконерите, Суперлигата ќе беше најдоброто натпреварување во светот, меѓутоа англиските клубови ги послушаа своите навивачи, а нивниот пример вчера го следеше и Барселона откако Жоан Лапорта посочи дека Каталонците ќе играат во Суперлигата само доколку навивачите го посакуваат тоа, што не е случај.
Ова е голема победа за фудбалот, кој од самото постоење се смета за спорт на народот, а тој не дозволи олигарсите да го претворат во приватен бизнис.