Ангелот со ѓаволски рогови, резервистот Нејмар и заљубениот Зидан

„Сантијаго Бернабеу“, како и секогаш, е подготвен за фудбалски спектакл, а вечерва ќе биде еден од најголемите. За некого ова е само меч во битка за бодови во групната фаза, но самите имиња на Реал Мадрид и ПСЖ ни даваат до знаење дека секогаш се работи за нешто повеќе.

Престижот е на прво место, што е сосема нормално за фудбалските гиганти кои имаат благороднички прекари – Кралеви или Галактикоси, против Светци или Принцовите од Париз. Ројалти средба, тука нема грешка.

Во редовите на Реал владее одмаздничка атмосфера, во Градот на Светлината претрпеа голем срам, сега сакаат да вратат со иста мера. Резултатот од 3-0 и некарактеристичниот настап на фудбалерите во бели дресови тотално ја разочараа јавноста. Зидан дозволи да биде совладан од ангелот со ѓаволски рогови – Анхел ди Марија беше посредникот на потпишаната капитуалција на 13-кратниот европски првак. Удри Ди Марија двапати кон голот на Куртоа, па двапати го испровоцира клубот за којшто едно време ги бранеше боите.

Она што ги спојува Реал и ПСЖ се непрекинатите шпекулации околу Нејмар и Килијан Мбапе. Едни од најпознатите и најдобри светски фудбалери се гледаат себеси како идни „галактикоси“, особено Мбапе, кому му е желба да заигра во белиот дрес. Нејмар би се преселил на „Бернабеу“ од инает кон Барселона, но од маркетиншки аспект. Мбапе сепак има предност пред неговиот соиграч бидејќи во него е заљубен големиот Зинедин Зидан, кој јавно го изјави тоа. Експлозивниот Французин несомнено е предвоникот на новата генерација фудбалери по Меси и Роналдо, па како таков тој кога-тогаш ќе игра за Реал, се чека само Флорентино Перес да ја започне мисијата.

Според меѓусебните средби, не треба да се прави посебна пресметка од обложувачка гледна точка. Реал добил пет од вкупно осум меча, притоа не загубил на домашен терен. Светците се радуваа двапати, од кои еден е пријателски меч. Всушност, таа победа во септември им е прва против Кралевите во големо натпреварување.

Колку и да поседувале напаѓачка сила, Парижаните постигнале само еден гол на две гостувања во Мадрид, а доколку се остварат прогнозите дека Нејмар ќе биде на клупата за резерви во дербито, тоа значи дека товарот најмногу ќе падне на Мбапе и на расположениот Икарди, но и искусниот Кавани ако се најде во плановите на Тухел.

По четири кола во групната фаза, ПСЖ има максимални 12 бода, Реал има 7 до преостанатите два натпревари. Доколку домаќините вечерва слават со три или повеќе гола, постои минимална шанса за Реал да го освои првото место во групата А, но тоа ќе се случи само ако тимот на Зидан во последното коло слави на гостувањето кај Клуб Бриж, а ПСЖ да претпи шок на домашен терен и да загуби од Галатасарај.

Sport Life вели дека Реал е благ фаворит – „кецот“ е 2.40, „двојката“ носи квота од 2.85, а евентуално реми си стои на 3.60 коефициент. Дербито е закажано за 21 часот, во стандардниот термин.

- Оглас -

Најнови вести