Младата репрезентација на Македонија до 21 година ги продолжува подготовките за натпреварите против Гибралтар и Шведска во квалификациите за пласман на ЕП 2025 во Словачка.
Фудбалерот на Работнички и член на репрезентацијата до 21 година, Матеј Ангелов, вели дека целта е да се остварат две победи.
„Нè очекуваат два натпревара пред домашната публика кои се од големо значење за нас. Сакаме да се покажеме во добро светло пред нашите навивачи. Целта е јасна, а тоа е победа на двата меча. Првиот натпревар го играме против Гибралтар. Фавотири сме и тоа треба да го покажеме на теренот. Ќе дадеме сè од себе за да извојуваме победа, со што би направиле чекор напред и добра увертира за Шведска.
Против Шведска нема да биде воопшто лесно, очекувам уште еден тежок дуел против нив како што тоа беше случај во првото коло. Верувам дека со добар пристап, одлучност и срце на терен би можеле да оствариме нов позитивен резултат против нив. Сè освен победа на овие два квалификациски натпревари за нас би претставувало неуспех. Имаме голема желба да одиграме добро и по низата неуспеси да се вратиме на победничките патеки.
Натпреварот против Гибралтар ќе се игра на 21 март, а пет дена подоцна избраниците на селекторот Драги Канатларовски ќе играат против Шведска.