Ангеловски е задоволен, Македонија е среќна: Сите заедно и сложно да се радуваме на нови успеси

Задоволен сум од договорот со кој ја продолживме соработката и им благодарам на претседателот на Фудбалската федерација и на Управниот одбор за довербата. Не се сомневам дека репрезентацијата и понатаму ќе ги има најдобрите услови за работа, изјави селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, по договорот со кој останува селектор и за Европското првенство што ќе се игра од 11 јуни до 11 јули.

Неизвесноста е тргната, Ангеловски заслужи да ја предводи Македонија на првото и историско за нас големо натпреварување откако успешно со своите избраници ги мина сите искушенија во Сегментот Д од Лигата на нации.

Македонија ќе биде запишана и во историската книга на УЕФА како прв шампион во еден од четирите сегменти во премиерното издание на Лигата на нации и за првпат ќе игра на ЕП.

„Верувам дека сите заедно и сложно повторно ќе се радуваме на големи победи, а овојпат ќе славиме сите заедно низ улиците на нашиот град и нашата држава.

Ќе го вложам сиот свој потенцијал да возвратиме со добри игри и да ја продолжиме успешната резултатска низа. Како што ветив и пред јавноста, сѐ она што ми беше понудено во форма на договор го прифатив, а националниот го ставив пред личниот интерес. Благодарност до капитенот, фудбалерите од репрезентацијата и јавноста за поддршката“, додаде Ангеловски по обновениот договор со ФФМ.

Македонија ќе ја почне историската авантура на ЕП на 13 јуни во Букурешт против Австрија, а четири дена подоцна на националната арена во главниот град на Романија ќе играме против Украина.

Последниот меч од првата фаза ќе го играме на 21 јуни во Амстердам против Холандија.

 

- Оглас -

Најнови вести