Ангеловски: Елмас и пеш би дошол да игра за Македонија, но…

По завршување на денешните клупски обврски, македонските репрезентативци ќе почнат да се пакуваат и утре да се појават на договорениот собир во Скопје. Селекторот Игор Ангеловски навреме ги испрати поканите до сите 23-ца кои се во комбинација за најважниот дуел во досегашната историја, тој против Грузија на 12 ноември во Тбилиси.

Сепак, од Италија пристигнуваат загрижувачки вести дека челниците на Наполи и Јувентус се решиле воопшто да не пуштат ниту еден фудбалер за репрезентативните обврски, иако според законот на УЕФА тоа не е дозволено. За нас тоа е загрижувачки, бидејќи го имаме Елиф Елмас во Наполи.

„Ја следиме ситуацијата што се случува и наше настојување е сите репрезентативци да бидат на собирот. Минатиот месец имавме слични проблеми со Џенова, тим во кој имаше 15-тина заразени со Коронавирусот, но за среќа Горан Пандев не беше меѓу нив, па во разговор со челниците на клубот, немаше проблем околу доаѓањето на капитенот на репрезентацијата. Со Елмас разговарав за да видам како се чувствува по прележаниот вирус, а тој ми најави дека и пеш би тргнал од Неапол за да игра за националниот тим. Верувам дека ќе го имаме во составот за дуелот против Грузија“, вели Ангеловски.

Елмас го пропушти полуфиналето од плејофот против Косово, откако во Наполи потврдија дека тој закачил Коронавирус и тоа непосредно пред да дојде за репрезентативните обврски.

 

- Оглас -

Најнови вести