Ангеловски: Финалето е успех, историјата да ја пишуваме на Европско првенство

Македонската А репрезентација полека се екипира и денеска ги започнува подготовките за натпреварот против Грузија на 12. ноември во Тбилиси за пласман на Европското првенство.

Игор Ангеловски, селекторот на македонската репрезентација има одредени проблеми, но останува оптимист дека ќе бидеме подобри од Грузија и ќе патуваме на ЕП идната година.

Голманот Даниел Божиновски нема да биде дел од репрезентацијата по позитивниот тест на ковид-19, Аријан Адеми е повреден и неговиот настап е неизвесен, а се очекува Кире Ристевски да биде фит по одлежаниот карантин поради корона-вирус.

„Од фудбалерите кои пристигнаа во репрезентативната база, за жал, Даниел Божиновски е позитивен на ковид-19 и нема да биде во комбинација за овие натпревари. Денеска го очекуваме пристигнувањето на Кире Ристевски, кој треба исто така да има негативен тест за да може да се стави на располагање. Аријан Адеми ќе оди на детални медицински прегледи откако пријави повреда на загревањето пред вчерашниот натпревар на Динамо. Јас се надевам дека нема да имаме дополнителни проблеми по пристигнувањето на останатите фудбалери и подготвени ќе ги започнеме планираните тренинзи“, изјави селекторот Ангеловски.

„Знаеме против кого играме, знаеме за што играме. Треба да бидеме максимално сконцентрирани, мотивирано да го одиграме натпреварот и да го добиеме за конечно да се пласираме на Европското првенство. Ова е натпревар кој навистина носи посебни емоции бидејќи имаме шанса на фудбалска Македонија да ѝ донесеме пласман на Европско првенство. Со позитивните резултати кои ги остваривме, се донесовме во таква ситуација, среќни сме што сме дел од ова финале, но не планираме тука да застанеме. Ова е потполно нов натпревар во однос на нашите два меѓусебни меча, ова е финале, двете репрезентации ќе влезат различно во дуелот во кој очекувам да решаваат нијанси, а тие да бидат на наша страна, изјави Ангеловски.

 

- Оглас -

Најнови вести