Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски вели дека се исполнети двете мисии на гостувањето против Гибралтар. Првата и најважна мисија беше да се освојат трите бода, а втората е тоа што играчите ги сочуваа силите за следниот натпревар против Ерменија.
„Го остваривме тоа што требаше. Започнуваме со три бода на стартот. Се беше според планот. Брзо дадовме гол, а потоа ги штедевме силите за дуелот против Ерменија. На полувремето се договоривме да ја контролираме топката и да не му дозволиме на противникот да се закани. Мислам дека немаа упатено ниту еден сериозен удар кон нашиот гол. Сега на ред е да се фокусираме за дуелот против Ерменија“, е коментарот на селекторот Ангеловски по синоќешната победа протв Гибралтар.
Ангеловски не заборави да потсети дека за мечот против Ерменија е потребна помош од публиката. Победата над Гибралтар е добра најава за нов успешен меч на Македонија. Дуелот против Ерменија ќе се игра в недела, со почеток во 18 часот.