Роберт Левандовски ја круниса сезоната 2019/20, во која освои сè што можеше да се освои, со престижното одличје на ФИФА – најдобар фудбалер за 2020 година.
Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, својот глас го даде за Левандовски, Меси и Салах, додека капитенот Горан Пандев исто така гласаше за полскиот напаѓач, како и за Мбапе и Де Бројне.
Сосема заслужено бомбардерот на Баерн Минхен ја прими наградата врачена од страна на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, а по церемонијата се обелодени со колку гласови Левандовски ги победи Лионел Меси и Кристијано Роналдо, кои беа финалисти покрај Полјакот.
Инаку, Левандовски доби 52 гласа, дури 14 повеќе од Роналдо, односно 17 повеќе од Меси. Како четврти играч со најмногу гласови е Садио Мане од Ливерпул, а потоа следуваат Де Бројне, Салах, Мбапе, Тијаго, Нејмар, Ван Дајк и Рамос.