Ракометарите на Еурофарм Пелистер утревечер (20.45 часот) против Алборг ќе го одиграат последниот натпревар на домашен терен во годинешното издание на Лигата на шампионите.
Иако данскиот тим е апсолутен фаворит, тренерот на Е. Пелистер, Бранислав Ангеловски, најавува голема борба и достојно простување на неговите ракометари од верните навивачи во салата „Боро Чурлески“.
„Мислам дека обврска ќе ни биде да ја прикажеме најдобрата игра на последниот домашен натпревар. Тоа ни е обврска кон градот, кон навивачите иако не очекува дуел можеби со еден од најдобрите ривали во групата. Несомнено е зошто се на врвот со Кил. Тие доаѓаат од државата која е европски, светски и олимписки шампион и има играчи како Хансен, Ландин, но и многу ѕвезди во надоаѓање. Мора да уживаме и да го дадеме максимумот. Можам да ветам дека ќе се бориме до крај против овој ракометен гигант. Можам само да кажам дека бевме во грч и трема поради големите ѕвезди. Тоа е минато, не би се осврнувал кон првиот натпревар. Сметам дека овој меч ќе биде поинаков“, вели Ангеловски.
И ракометарите порачуваат дека последниот натпревар во Битола во ЛШ ќе претставува празник на ракометот.
„Едвај го чекаме натпреварот, ова ќе биде празник на ракометот и ние мора да покажеме дека можеме да се носиме со најдобрите. Нормално е дека посакуваме победа, а верувам дека можеме да дојдеме до неа. Мислам дека Алборг се мачи кога ривалот игра цврста одбрана и кога се игра погрубо врз нив. Треба да не им се дозволи скандинавски и лесно да ги решаваат нападите. Тие загубија финале во Купот од ГОГ, во кој не можеа да ги исполнат своите замисли. На првиот меч дозволивме да влеземе во нивен ритам, а сега мислам дека нема да биде така. Ќе видат како е да се игра пред вистинска публика. Тоа не им е познато, стилот на навивањето е целосно различен и мислам дека тоа ќе биде наш адут“, вели бекот Нејц Цехте.