Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, е задоволен не само од победата против Гибралтар туку и од фактот што репрезентацијата е прва во групата и ќе игра во полуфиналето од плејофот за пласман на ЕП 2020 година. Според Ангеловски, Македонија има тим кој може да се избори за пласман на завршница на континентален собир.
„Фудбалерите се најзаслужни за сето ова што го направиме. Напорно работеа и на крајот го остваривме тоа што го посакувавме. Македонија со квалитетот покажа дека не припаѓа во оваа група од Сегментот Д. Против Гибралтар, од самиот почеток влеговме силно. Во првите 10 минути имавме три шанси. Барди со мајсторија отвори, а потоа рутински го доигравме мечот. Што се однесува за полуфиналето од плејофот, немам желба дали Белорусија или Косово ќе биде наш противник. Нашата цел е јасна, а тоа е пласман на ЕП“, рече Ангеловски по победата над Гибралтар.
Македонија ќе биде домаќин во полуфиналето, а селекторот очекува полн стадион за тој меч и голема поддршка од публиката.
„Се надевам дека во полуфиналето стадионот ќе биде исполнет до последното место бидејќи овие фудбалери го заслужуваат тоа“, додаде популарниот Мрме.