Ангеловски: Не признаваме фаворитска улога

Македонската фудбалска селекција се собра во пресрет на квалификацискиот циклус за овој месец, во којшто избраниците на Игор Ангеловски ќе се соочат со репрезентациите на Израел и Летонија. Двата меча ги играме на гости, а по двата порази на домашен терен од Австрија и Полска во последниот квалификациски прозорец, од Македонија се очекува многу подобра игра за во Скопје да се вратат со бодови.

Прво на репертоар е гостувањето во Бер Шева на 5 септември, а селекторот Ангеловски посочи дека неговите фудбалери се подготвени да се надигруваат со добро познатиот ривал.

„Имаме доволно време да ги направиме сите анализи. Знам дека Израел има неколку проблеми во составот во пресрет на квалификациите, но ние секако ќе мора да бидеме внимателни.  За мотив нема потреба да се зборува, моите фудбалери се подготвени во секој момент да се борат до крај. За нив нема фаворити, а јас во секој меч сакам да одам на победа. Би сакал повторно да играме на она високо ниво како од претходно, не сметајќи го оној пораз од Австрија. Исто така, жал ми е што некои репрезентативци уште не се во натпреварувачки погон по стартот од сезоната, секој селектор сака да ги види своите играчи како стандардни првотимци во тимовите каде што настапуваат“, истакна Ангеловски.

По гостувањето кај Израел на 5 септември, Македонија четири дена подоцна ќе биде во Рига за дуелот против Летонците.

- Оглас -

Најнови вести