Македонија влета во вителот на битката на два фронта, во чуден заплет и расплет во Лигата на нациите. Сè уште играме во ланското премиерно издание на Лигата на нациите. Во Сегментот Д нè чека најважниот меч во историјата, против Грузија на 12 ноември за пат на ЕП, а утре со истиот ривал ќе биеме битка за првото место во групата во второто издание на истото натпреварување, и тоа во Сегментот Ц.
Победа нè носи на лидерската позиција, со големи шанси и на крајот на циклусот да бидеме први и да се преселме во две сезони за два ранга погоре.
„Главната цел за овој период ја исполнивме и стигнавме до финалето, на еден меч до пласман на Европското првенство. Секако дека нема да го занемариме и мечот со Грузија утре во Скопје. Атмосферата и покрај киксот со Естонија, е одлична. Имаме проблеми, но посилни сме од нив и ќе одиме на победа. Само како споредба за пеколниот распоред е и протестот на многу посилни селекции од калибарот на Шпанија, Италија, кои изразија револт до УЕФА за ваквиот чуден распоред и настапи на секои 3-4 дена“, вели селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.
Јасно е и дека немаше многу време за потполно закрепнување од мечот со Косово и потоа за три дена и со Естонија, но победата и утре против Грузија ни значи многу.
„Сега имавме и проблем со Руфати, кој се приклучи од младата селекција во сениорскиот состав. Побаравме и мислење од УЕФА, а ни стигна одговор дека суспензијата со картони од дуелите на младата селекција важи и за мечевите на сениорите и тој нема да биде во комбинација. За жал, и Спировски нема да игра, а и останатите проблеми ги знаете. Сепак, овој состав го краси невидена сплотеност, одлична атмосфера и квалитет и ќе одиме на победа и утре против Грузија“, додава Ангеловски.